Во пресрет на 26-ти Септември, Европскиот ден на јазиците, во подрачната библиотека „Искра“ во населбата Оризари се одржа културен настан за одбележување на Европскиот ден на јазиците, при што беше промовирана и книгата поезија „Немири судбине“ од автор Киро Герасимов.
-Целта на овој ден е да ги поттикнеме возрасните и децата да ги учат странските јазици, а со тоа да ја запознаат и нивната култура. Во склопот на овој ден е и промоцијата на книгата „Немири судбине“ од нашиот роднокраен автор, Киро Герасимов, истакна Румена Тодорова од библиотеката „Искра“
Книгата поезија „Немири судбине“ на авторот Герасимов е преведена на српски јазик и деновиве излезе од печат, со поддршка на издавачката куќа „Сирмиум“ од Сремска Митровица.
-Во книгата се содржани три циклуси од четириесетина песни од кои е направен избор од моето досегашно творештво. По објавувањето на десетина песни во неколку српски весници и списанија во изминативе две три години, издавачката куќа од Сремска Митровица „Сирмиум“ се определи да печати збирка токму од мојата поезија, истакна авторот Киро Герасимов.
Промотор на книгата беше Кристина Ѓоргиевска Атанасова, а истата е преведена на српски јазик од професороката Љупка Стојменова и српскиот поет Недељко Терезиќ.
Делото „Немири судбине“ е шеста книга на авторот Герасимов објавена на европски јазик.
Настанот беше збогатен и со рецитали на различни јазици од учениците од ООУ„Крсте Петков Мисирков“ од Оризари.
Европскиот ден на јазиците се одбележува од 2001 година и има за цел промоција на спецификите и запознавање со културата на јазиците на европскиот континент.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов