„12 часа урбан здив“ – На програмата Берза на винили, изложби и концерт

Кочани денеска е домаќин на Втората регионална берза на винили во организација на Македонскиот рок-архив во рамки на седмичната културно – уметничка програма по повод празникот на градот Петровден.

На плочникот во Паркот на револуцијата изложени се  разновидни грамофонски плочи на домашни и странски изложувачи, а љубителите на грамофонски плочи имаат можност да купат или разменат од големиот избор на изложувачите.

Во рамки на настанот „12 часа урбан здив“ отворена е и изложба со наслов „Македонската рок музика на насловните страници на печатените медиуми“ на Македонскиот музички архив.

Програмата ја збогатува и ДЈ сет на Винко Барич од Хрватска, Зоран Цекиќ од Србија и кочанчанецот Тошо Филиповски.

Во рамки на целодневниот настап ќе биде промовирана и книгата „Хрватски панк и Нови вал“ од Винко Барич, изложба „Нови бранови – Деца на социјалимот“ од Зоран Кардула и изложба на  стрип табли „Барокни човек“.

Во вечерните часови настап во Градскиот парк ќе имаат познати рок групи од Македонија и гости од Хрватска.

И. Матеничарски

Сподели: