Компанијата „Амфенол“ донираше 120 таблети на ученици од основните училишта во Кочани

Во рамки на својата општествена одговорност, компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“, во пресрет на одбележување на седумгодишното постоење денеска донираше 120 таблети, на ученици од четирите основи училишта во Кочани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари.

-Денеска дониравме 120  таблети и неколку десктоп компјутери  за учениците во  основните училишта во Кочани и училиштето во Оризари. Конкретно во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ донирани се вкупно 40 таблети за учениците на кои им се најпотребни. Се надевам дека со тоа ќе допринесеме да можат нормално да ја следат наставата и да го совладаат образовниот процес, бидејки ние сме општествено одговорна компанија која се грижи за средината во која опстојува и тоа е наша обврска, а од друга страна на нас ни требаат и млади луѓе кои ќе го наследат процесот на развој и на раст на „Амфенол“ и се надевам дека дел од овие деца во иднина ќе се вклучат во нашиот професионален ангажман, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“ .

Директорот на ОУ „Св.Кирил и Методиј“, Даниел Кралев упати јавна благодарност до „Амфенол“ за донацијата која ќе биде од огромно значење за следење на онлајн наставата на учениците.

-Сакам да упатам огромна благодарност до менаџментот на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“, посебно на нивниот раководител менаџерот Сашко Наков, којшто повеќе пати излегува во пресрет на нашето училиште во моменти кога тоа ни е најпотребно. Така и овој пат општествено одговорната компанија „Амфенол“ донираше 40 таблет уреди на учениците од основното училиште „ Св. Кирил и Методиј“, донација со која што ќе се помогне на нашите ученици коишто ја следат наставата онлајн да можат да се вклучат како и сите нивни останати школски другарчиња нормално  во следењето на оваа настава. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму и затоа уште еднаш упатувам огромна благодарност од мене како директор, потоа од име на моите колеги од ова училиште и на крај од учениците, рече Даниел Кралев, директор на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ Кочани.

Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ како општествено одговорна компанија во претходниот период донираше и 10.000 заштитни маски на ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Кочани заради справување со коронакризата.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: