Општина Кочани во соработка со волонтери од граѓански организации од Кочани денеска извршија акција за озеленување на жардиниерите на потегот од десната страна на булеварот „Тодосија Паунов“.
Акцијата е во рамки на Програмата за заштита на животна средина за 2021 година при што беа засадени околу 180 садници туја.
-Заедно со невладиниот сектор од Кочани продолжуваме со засадување на садници во делот на булеварот „Тодосија Паунов“. Локалната самоуправа води грижа за унапредување на заштита на животната средина и дава свој придонес за почист воздух и вода во општината. Во изминатите десетина дена се засадени 300 садници, а ќе се засадат уште 200 садници кои ќе бидат поддржани од КЈП „Водовод“ што значи дека ќе засадиме околу 500 сандици во Кочани – истакна градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Минатата недела беа засадени и шеесет садници од туја долж улицата „Димитар Влахов“ до спојот со „Павлина Велјанова“, над Градскиот базен, а озеленети се и детските игралишта на улиците „Охридска“ и „Скопска“.
-Акцијата има добар ефект и вроди со плод. Благодариме на поканата од Општина Кочани и на сите здруженијата кои беа присутни. Останува да апелираме до граѓаните да го чувме тоа што го засадивме и се надеваме дека вакви акции ќе се организираат и во иднина. Нашето здружение секогш ќе дава поддршка на акции кои се за доброто на животната средина во Кочани – рече Зоран Тодоров, координатор на Одборот за здрав живот – Кочани.
Во акцијата за озеленување на булеварот „Тодосија Паунов“ учествуваа волонтери од три граѓански здруженија од Кочани.
Садниците се обезбедени со средства од Буџетот на Општина Кочани наменети за озеленување на јавни површини во општината.
И. Матеничарски