Познати добитниците на признанијата за „Најдоброто од Истокот за 2020“

На работен состанок во Кочани, новинарите од истокот на Македонија кои се дел од Здружението на новинари на Македонија ги одредија носителите на признанијата за „Најдоброто од Истокот за 2020 година“.

Доделени се признанија во  15 категории на  поединци, здруженија на граѓани, компании и институции  кои оставиле посебен белег во 2020 година.

Признанието за  „Најдоброто од Истокот за 2020 година“ во делот на економијата и припадна на пехчевската компанија „ДИК Фагус“, компанија во подем, која се занимава со производство на мебел.

Инфективното одделение при Клиничката болница Штип заслужено и едногласно го добри признанието во категоријата Здравство, за посебен придонес во изминатата 2020 година во справување со корона вирусот.

Во делот на туризмот признанието и припадна на Општините Кочани и Пробиштип, за инвестиции и развој на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“.

Компанијата ДООЕЛ „Брегал“ од Делчево го понесе признанието за општествено одговорна компанија, додека во категоријата Наука признанието му припадна на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Фондот за развој на локалните заедници – Штип го доби признанието во категоријата на невладини организации, а Дарко Гоцевски од Македонска Каменица е носител на  признанието за најголем хуманист во изминатата 2020 година.

Во категроијата Образование, за „Најдобар на Истокот за 2020“ е избран наставникот Иле Михајловски од Свети Николе, а признанието за новинар за 2020 година го понесе  Столе Наумов, од Радио мрежата Канал 77, водител на емисијата Стадион.

Новинарите од Истокот доделија признание на ракометарот Кирил Лазаров за спортист за 2020 година.

Орце Николов, граѓански активист и борец за здрава животна средина во Кочани се закити со признанието во категоријата Екологија, заради посебен придонес и прв иницијатор за борба против загадувањето во Кочани.

Во делот на културата со признание се закити  Васил Маневски од Делчево, автор и новинар во пензија.

Признанието за иновативност  му припадна на Здружението „Оризова братимка“ од с.Чешиново, Општина Чешиново-Облешево за одржливо производство на ориз.

Новинарите доделија и признание на Амбасадата на Велика Британија, како и признание за животно дело на Благој Механџиски , сопственик на ланецот на аптеки „Зегин“ Македонија.

Изборот за „Најдоброто од Истокот за 2020 година“ го направија новинари од медиумите од Источниот регион на Македонија.

Признанијата на добитниците за „Најдоброто од Истокот за 2020 година“  ќе им бидат врачени на свечен настан кој е планирано да се одржи во Берово, во месец јуни.

И. Матеничарски

Сподели: