101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев. Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.
Прескокнување
Јас, Мито С. и Танче
Пишува: Д. Донев
За време на студентските денови бевме на претстава во МНТ. Ја гледавме на малата сцена претставата „Андрокле и лавот“ (за овој настан ќе читате подолу). Бевме јас, Мито Спасевски, сегашен професор на Педагошкиот факултет во Скопје и неговиот братучед Танче од Кичево. Живеевме во студентската населба „Стив Наумов“.
Пред да отидеме на претстава, се договоривме секој да земе по нешто за вечера: Тане да земе јадење, јас да земам леб, а Мито да земе нешто за пијалак. Така се договоривме оти претставата почнуваше во 19 и 30 часот, а мензата работеше до 20 часот. Ние тргнавме во 19 часот и стигнавме навреме. Ја гледавме што ја гледавме претставата и се смеевме што се смеевме, па си тргнавме назад кон населбата. Само што излеговме, Мито праша дали јас и Тане сме купиле леб и јадење зашто тој зел пијалак. Јас му кажав оти сум заборавил, а Тане рече оти немал време, па и тој не купил.
Мито се изнервира и тргна сам. По него и јас, а по мене и Тане. Секој сам по сам. Бидејќи автобусите заминаа, решивме да одиме пешки. Го минувавме патот покрај Собранието. Јас пред да минеме покрај Собранието, го престигнав Мито и пред да излезам на улицата, застанав и со левата нога почнав да нагазнувам полека,полека. Потем и со десната го направив истото. Како да имаше некоја дупка (а немаше ништо, пред Собранието мед да капне ќе го излижеш). Потем прескокнав како еден метар. Тоа го направив за да го пречекам Мито, а и да се забавувам. Потем кога Мито се приближуваше, тргнав. Кога Мито дојде на истото место, го направи истото (тој мошне добро ме познаваше и знаеше која ми е целта). Тане го направи истото, но тој тоа го направи механички. Милиционерот (полицаецот) којшто дежураше ни подвикна што сме нашле и што гледаме – му одговоривме оти некоја дупка е можеби. Со Мито го чекавме Танета кај фонтаната. Дојде и ни рече оти ништо не видел, ништо немало, а рече штом ние сме го направиле тоа, сигурно има нешто. Се подзатскривме позади фонтаната и ѕиркавме што ќе направи милиционерот. Знаевме дека и тој ќе биде љубопитен. И навистина полека се приближи. Почна со едната нога да тапка сосема полека, потем со другата уште полека. Тоа го направи втор пат, но овој пат посилно. Третиот пат скокна врз асфалтот на местото коешто ние го пречекорувавме и кога виде оти нема ништо, колку го држеше гласот, извика:
-Мамето ваше мрсничко, за ова што ме истргнавте, кога ќе ве видам вторпат мамето ќе ви го расплакам./крај
Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.
Адаптација: И. Матеничарски