Следбениците на Јосип Броз Тито го одбележаа 29-ти Ноември

Скромно и достоинствено, со дефиле од возила, членови на  Здружението на граѓани „ Јосип Броз Тито“ го одбележаа 29-ти Ноември, ден кој во некогашна  СФР Југославија се славеше како Ден на Републиката.

Со возила накитени со македонски и југословенски знамиња, фотографии на својот патрон и други обележја, следбениците на Јосип Броз Тито продефилираа низ кочанските улици потсетувајки ги граѓаните на еден од најголемите празници во поранешна Југославија.

– Поминаа 77 години од денот кога народите што живеат на дел од Балканот се обединија во заедничката држава Југославија, во која имаа рамноправност и сопствена државност. Се лажат оние кои мислат дека оттогаш почнало и осознавањето македонскиот народ за сопствениот идентитет. Чувството за засебност постоело од многу поодамна, а поради учеството на македонските партизани во антифашистичката борба заедно со другите братски народи, од која излегле како победници, нормално било и официјализирањето на македонската држава во рамки на тогашната СФРЈ. Тоа значи дека сме се избориле за ова што го имаме денес, бидејќи никој на сила не може да ти даде ништо, но може да ти го земе, истакна Трајче Трендов, претседател на здружението „Јосип Броз Тито“.

Поради состојбата со коронавирусот годинава ќе изостане традиционалната прослава по повод 29-ти Ноември, но како што истакнаа од ЗГ „Јосип Броз Тито“, иако во помал број и во услови на пандемија тие останаа достојни на традицијата и го одбележаа овој значаен ден за нив.

И. Матеничарски

Сподели: