Доброволците од Доброволното противпожарно друштво – Кочани на прес-конференција ја одбележаа годишнината од иницијативата за формирање на доброволно противпожарно друштво во градот.
Идејата за формирање на доброволно друштво всушност е плод на минатогодишните пожари што го зафатија градот Кочани. На денешната прес-конференција по тој повод беше направен пресек на сработеното во текот на изминатата година.
– Поучени од големиот пожар што лани на празникот Илинден го зафати Кочани, на денешен ден пред една година презедове иницијатива за формирање на Доброволното противпожарно друштво кое изминатиов период заедно со Територијалната противпожарна единица – Кочани дејствува на терен и заеднички се бориме да се справиме со сите предизвици. За скоро една година од формирање на друштвото бележиме 50-тина интервенции, со 160 волонтери на терен. Нашите интервенции пред се се на пожари од отворен и затворен простор, поплави и останати технички интервенции. Нашата примарна цел е справување со предизвиците кои ги носи пожарникарската професија, но секако овде се хуманитарните и еколошки акции во кои како друштво сме вклучени – истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Доброволното противпожарно друштво – Кочани во моментот брои 50 активни членови распоредени во две екипи. Едната од нив е интервентен вод, додека останатите се дел од логистичкиот тим за поддршка на интервентиот вод.
За скоро една година од постоењето на доброволното друштво, потпишани се меморандуми за соработка со општините Кочани, Зрновци, Македонска Каменица и Виница, а преку донации набавена е и солидна противпожарна опрема.
Приоритет за Доброволното противпожарно друштво е секако опремување на истото со пософистицирана противпожарна опрема, а во постапка е набавка на теренско возило за потребите на доброволното друштво.
Воедно, со ребаланс на буџетот на Општина Кочани програмата за работа на ДПД – Кочани е влезена за финансирање од страна на општинскиот буџет.
И. Матеничарски