33-годишниот Горан Зашов од Кочани успеа прв да го извади светиот крст од водите на Кочанска река, по повод празникот Богојавление Водици.
Тој беше најбрз од 32-те пријавени момчиња, кои оваа година беа најхрабри и скокнаа по светиот крст, во студените води на Кочанска река. По крстот скока од 2015 година, а годинава го фаќа за прв пат.
-„Ова ми е петти пат како се фрлам по крстот за Водици. Очекував да го фатам крстот. Денот Водици ми значи многу, ги поздравувам сите граѓани и пријатели. Со крстот ќе одиме куќа по куќа и ќе ги посетиме сите верници. Чесно ќе го вратам крстот во црквата. Ова е моја прва среќа и за мене значи здравје и бериќет”.- изјави Горан Зашов
По тој повод Зашов доби пригодни награди. Од храмот „ Св. Вмч Георгиј“ доби библија, компанијата „Зегин“ му подари телевизор, а градоначалникот на Општина Кочани го даруваше со златен крст.
Оваа година на чинот на потопување на светиот крст присувствуваше и техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој на сите верници им го честита големиот христијански празник Богојавление Водици.
- „Денеска е денот кога сите ние треба да ги очистиме нашите гревови, кога водите во нашата земја се преобразуваат во свети води и на тој начин потсетуваат за крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан. Токму на овој празник на љубовта, на слогата на заедништвото секој од нас треба денеска да ја обнови својата духовна сила и заедно посплотено , во единство да допринесеме и за лична, меѓутоа и за колективна среќа и напредок. Затоа секој еден граѓанин на нашата држава, токму денеска треба да ја прими оваа порака дека со заедништво можеме да направме многу повеќе и само преку слога и преку единство, можеме да ги оствареме сите наши заеднички цели, за развој и напредок на нашата држава“. – изјави Оливер Спасовски технички премиер на Република Македонија
Премиерот Оливер Спасовски на лицето кое го фати крстот му подари света икона.
Исто така градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, им го честита празникот на сите граѓани од христијанска вероисповед .
- „Ова е посебен ден за граѓаните на Општина Кочани, не само поради чинот на осветувањето на водите на Кочанска река, туку и големите гости кои денеска беа во посета на Кочани. Од името на граѓаните на Општина Кочани и од мое лично име користам уште една прилика да се заблагодарам на премиерот и министерот за земјодлество што денеска беа присутни на оваа свеченост и навистина со тоа покажаа дека истокот не е заборавен и дека ние како граѓани на истокот и посебно на градот Кочани, ја очекуваме нивната поддршка како изминатиов период, уште повеќе во наредниот„.
Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно – верски манифестации. Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на Кочанска река присуствуваа голем број верници.
Чинот на потопување на светиот крст го изведе Митрополитот Брегалнички г.Иларион, заедно со свештениците од храмот „ Св. Вмч Георгиј“.
И.Матеничарски
Фото: A.Арсов