350 водомери за загрозени семејства кои безправно се прклучиле на водоводна мрежа

Во рамките на проектот „Намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем и искористување на соларната енергија во јавното комунално претпријатие во општина Кочани”, КЈП “Водовод” ги повикува сите заинтересирани граѓани кои потекнуваат од семејства од социјален ризик да се пријават во “Центарот за корисници” на ул. “Д-р Николиќ” бр.64 за промена или инсталирање на водомер на локации на нивното место на живеење.

Врз основа на Одлука од страна на Управниот Одбор на КЈП “Водовод” е предвидено, почнувајќи од 15.10 а до 15.11. 2023 година на индивидуалните корисници кои се бесправно поврзани на системот за водоснабдување на КЈП “Водовод”, а се семејства од социјален ризик, наместо утврдениот финансиски надомест од 8 500 денари и дополнителни услуги, по Ценовникот на КЈП “Водовод” за кој е дадена согласност со Заклучок од Советот на Општина Кочани, да платат износ од 50 денари.

Доколку не постои водомер (истиот е неисправен, закочен, стопен или слично) кај овие корисници ќе бидат инсталирани нови водомери кое се набавени во рамки на проектот „Намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем и искористување на соларната енергија во јавното комунално претпријатие во општина Кочани”.

Сопствениците на објектите каде што ќе бидат инсталирани овие водомери се должни да ги обезбедат сите технички услови (прописна шахта) за да може КЈП “Водовод” непречено да ги инсталира водомерите.

Со овој проект во наредниот период ќе се инсталираат две фотоволтаични централи со моќност од 440 киловати и 120 киловати на кровот на Пречистителната станица во с. Мојанци; ќе се набави опрема за намалување на загубите на вода и ќе се обучи персоналот што ќе работи со таа опрема. Предвидена е и инсталација на водомери на 350 социјално ранливи семејства.

Целта на проектот е со набавка и инсталирање на современа опрема, да се спречат загубите во водоснабдителниот систем, а со производство на струја од фотоволтаичните централи да се намалат сметките за вода на граѓаните на Кочани.

КЈП „Водовод” – Кочани

Сподели: