Општинскиот кризен штаб донесе дополнителни мерки за заштита од КОВИД-19

Задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор за 2020 година, односно задолжително доискоростување на годишниот одмор од минатата година заклучно со мај 31.мај 2020 година во јавната администрација,  формирање на Кризни штабови во месните заедници и барање до Владата за дополнително ограничување на движењето на граѓаните се само дел од мерките донесени на денешната итна седница на Општинскиот кризен штаб.

Општината ќе им наложи на вработените во јавната администрација кои го немаат искористено годишниот одмор од ланската година и првиот дел од 2020 година  да го сторат тоа сега, со цел намалување на социјалните контакти и растеретување на администрацијата. Исто така во комуникација со Месните заедници ќе се формираат месни Кризни штабови кои ќе треба телефонски да споделуваат информации со надлежните, заради следење на состојбата во микросредините на живеење.

Веќе утре Општина Кочани ќе упати барање до Владата за дополнително ограничување на движењето на граѓаните во градот и тоа од понеделник до петок во период од 16 ч. до 5. часот наутро следниот ден, а за време на викенд од 16 ч. во петок до 5 ч. наутро во понеделник.

Меѓудругото Општата Болница Кочани и Центарот за јавно здравје треба да достават список со дополнителна потребна опрема за заштита на медицинскиот персонал која Општината треба да ја обезбеди. Исто така Општината ќе им наложи на локалните маркети, пиљари, наплатни центри и банки да организираат редарска служба заради почитување на социјалната дистанца и метежот што се создават пред нив.

Според информациите на стручните служби, во моментот во Кочани се евидентирани три жаришта на заразени од коронавирусот, од кои едно е во Зрновци. Од нив, во последните 10 дена имало постојано активни лица. Ризикот за ширење на болеста е голем, бидејќи сите луѓе што контактирале со нив се потенцијални пренесувачи на вирусот. Полициските служби ригорозно постапуваат според решенијата за здравствен надзор и изолација.

Раководителот на Центарот за јавно здравје Кочани Гоце Серафимов, информираше дека се чекаат резултати од 60-ина примероци брис. Тие се пратени на обработка во Скопје, а соработуваат со сите тест лаборатории во државата, освен со приватната болница Систина.

Градоначалникот Илијев уште еднаш јавно апелираше до населението за почитување на мерките за заштита и поголема свест во борба против заразната болест. Исто така ги замоли граѓаните совесно да се однесуваат на социјалните мрежи, да не споделуваат лажни информации или јавно да ги жигосуваат лицата кои се заболени.

Итната седница се одржа по иницијатива на градоначалникот Илијев, поради зголемување на бројот на инфицирани со коронавирусот во општината.

На самиот крај, присутните медиуми беа замолени да ја напуштат  седницата, а што точно се дискутирало зад затворени врати и што јавноста не смее да знае за жал останува енигма.

И.Матеничарски

Фото: А.Арсов

Сподели: