44 граѓани со повреди и скршеници на мразот, повредените преку тужба може да побараат отштета

44 граѓани побарале медицинска помош во болницата во Кочани поради повреди на горните и долни екстремитети од паѓање на мраз во последните три дена. Најголем дел се скршеници на раце и нозе, повреди на грбот, додека помал број се потешки телесни повреди.

Снежните врнежи и минусни температури што викендов го зафатија Кочани предизвикаа подмрзнување на улиците, тротоарите и приодите поради што на хируршкото одделение при Општата болница во Кочани имале полни раце работа.

Од  Општата болница со проширена дејност – Кочани  информираат дека за само  три дена во болницата во Кочани е интервенирано на 44 повредени граѓани поради повреди настанати од паѓања на мразот. Осум од нив биле во текот на вчерашниот ден. Најчесто станува збор за повредени граѓани кои по санирањето на скршениците или повредите се пуштени на домашно лекување, а само мал дел завршиле на операција.

Поради појавата на мраз и голомразица по улиците и тротоарите граѓаните треба да бидат  внимателни при движењето, а на возачите им се препорачува прилагодена брзина и внимателно управување со возилата.

Во текот на изминатите неколку дена, регистрирани се и неколку сообраќајни незгоди како директна последица  од појавата на голомразица на патиштата.

Службите на КЈП „Водовод“ постојано се на терен и интервенираат на критичните места во градот. Топењето на снегот и минусните температури во текот на ноќта создаваат појава на мраз и голомразица на улиците и тротоарите што создава дополнителни проблеми.

Настраданите граѓани од нерасчистените снег и мраз може да поднесат тужба против локалните власти и локалното комунално претпријатие од општината во која живеат, бидејќи според Законот за јавна чистота, таа одговорност им припаѓа ним. Ако тужителот го добие спорот против тужениот субјект од локалната самоуправа, потоа оди во граѓанска парница, т.е. покренува спор пред надлежниот граѓански суд, за надомест на штета.

Општините  се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи. Во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите“, се вели во Законот за јавна чистота.

За чистење на снегот од тротоарите пред станбените објекти, за посипување на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од сопствените дворови, како и за чистење на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите или за самиот објект, се грижат сопствениците, односно закупците на објектите.

И. Матеничарски

Сподели: