50 години од смртта на Јордан Манов–Ѓаволо – основач на модерната гимнастика во Кочани 

На 17 октомври 2024 година навршуват половина век  од смртта на едно од најголемите имиња во кочанската гимнастика, Јордан Манов – Јоцо Ѓаволо.

Гимнастичар, тренер, раководител, член на управувачките органи на ДТВ „Партизан“, вљубеник во гимнастиката и во спортот воопшто. Како тренер со своето знаење и трпеливост во работата бил позитивен пример за младите за постигнување резултати. Ги насочувал младите да ја засакаат гимнастиката и спортот воопшто, зборуваат за него неговите ученици.

Роден 1929 година, Манов по завршување на Втората светска војна започнува со гимнастиката. За време на школувањето е член на Хрватскиот соколски клуб „Загреб“, а како тренер на ДТВ „Партизан“ – Кочани доаѓа во 1952 година.

Неговите ученици го сметаат за основач на модерната гимнастика во Кочани. Манов ја издигнува спортската гимнастика во Кочани на повисоко ниво, а посебно машката спортска гимнастика, со што остава значаен придонес за нејзиниот развој во Кочани.

– Ако треба да го опишам Јордан Манов во три реченици би рекол, југословенска гимнастичка марка, македонски гимнастички бренд и спортска личност број еден во Кочани. За своето време беше модерен тренер, тренер учител. Добар познавач и толкувач на судиските правилници и затоа беше и добар судија. Како спортист резутатот е надминат, но само од неговите ученици. Не само што создаваше натпреварувачи, туку ги подготвуваше за тренери и судии. Јас во изминатите 50 години никогаш не сум кажал за него дека е покојник. Се прашувате зошто? Затоа што некои луѓе не умираат, туку едноставно си заминуваат. Кога разговарам за нив, не разговарам за тоа што направиле туку за тоа што оставиле. Чичо Јоцо остави многу, кажа Станчо Митев, поранешен гимнастичар, тренер волонтер и гимнастички судија.

Со неговото ангажирање во 1952 година Манов  jа донел модерната гимнастика во ДТВ ,,Партизан“. Само за четири години, од 25. место на Државно првенство во тогашната Југославија, во 1956 г. кочанските гимнастичари се искачиле на петтото место, што претставува одличен резултат за кочанската гимнастика, а Кочани го афирмира како нов гимнастички центар во тогашна Југославија.

На една година пред смртта, 1973 година гимнастичарите од Кочани го постигнуваат најголемиот успех од основањето на Клубот – второто место на Државниот натпревар во тогашна Југославија. Од 1968 па до 1975 година, тие постојано се на врвот на гимнастика на поранешните ју-простори. Смртта го затекнува на функцијата потпретседател на македонскиот Сојуз за физичко воспитување „Партизан“.

Постхумно е одликуван со признание за животно дело од Општина Кочани во 2013 година.

И. Матеничарски

Објавата е во чест на 50 годишнината од смртта на Јордан Манов – Ѓаволо. Информациите и фотографиите се споделени од неговиот ученик, гимнастичарот, тренер и судија Станчо Митев во чест на својот учител.

Сподели: