76 години хуманитарна работа – Црвен крст на Република Македонија го одбележува 17 Март

Црвениот крст на Република Македонија денеска го одбележува 17 Март, Денот на основањето на Црвен крст во Македонија како и Денот на крводарителството.

Годинава Црвениот крст го слави својот 76 –ти роденден како една од најголемите хуманитарни организации во Македонија.

По тој повод, секретарот на Општинската организација на Црвен крст – Кочани Анета Коцева, преку медиумите упати честитка до сите волонтери, членови и поддржувачи кои изминативе 76 години биле и се дел од големото хуманитарно друштво.

-По повод денешниот ден изразуваме почит и благодарност  до сите волонтери, членови и поддржувачи на Црвен крст Кочани кои со својот ангажман и посветеност придонесуваат за реализација на нашите хуманитарни заложби. Воедно ја користам приликата да го честитам  и Денот на крводарителството на сите  крводарители. Тие се добар пример за храброст, хуманост и солидарност во нашето општество – истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани.

Коцева додаде дека годнава планирано е и одбележување на Светскиот ден на крводарителството 14 јуни, каде на свечен настан ќе бидат  врачени признаниија и благодарници на повеќекратни дарители од Кочанскиот регион.

„Сите крводарители со хуманиот гест на дарување на крв  изминатиов период овозможија непречено задоволување на потребите на крв и крвни продукти за што искрено им благодариме“ – потенцираше Коцева.

Во пресрет на 17 Март, делегација на Црвен крст – Кочани составена од волонтери и крводарители оствари и средба со градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, запознавајки го со работата и приоритетите на општинската организација за во иднина.

Црвениот крст на Република Македонија е формиран на 17 март 1945 година, додека Општинската организација на Црвен крст Кочани е формирана на 20 декември истата година.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: