„Секој петок по една“ – Полицаец

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

ПОЛИЦАЕЦ

Меѓу мене и Стојан. Р

пишува: Доне Донев

За време на моите студии носев долга брада и мустаќи. Живеев во населбата „Стив Наумов“ во Скопје; барака 25 / 8, во таканаречената Катанга. За време на празниците си доаѓавме во Кочани. Да каснеме малку домашна храна, но и да се „одмориме“.

Еден ден кога тргнавме од Кочани за Скопје, во автобусот секој се фалеше што зел за јадење од дома за наредните недела–две. Еден мој бивш комшија (Стојан Р. којшто подоцна се вработи во „Бетон“) се фалеше оти зел полна, голема тегла наполнета со печено месо наложено во маст. Како што рече „цели пет кила“. Јас седев зад него и го слушнав. Вечерта отидов до кај него, а тој живееше во соседната барака (26–ка) да испробам дали ќе даде нешто од мевцето и дали навистина го има. Ми кажа оти навистина го има, ама не дава оти секој требало да си носи со себе од дома по нешто. Разговаравме колку да разговараме и јас си излегов.

Утредента по вечерата секој заминуваше каде намислил. Јас отидов во населбата Автокоманда да си купам нешто за појадок оти ме мрзеше да станувам рано наутро и да трчам по продавниците.

Застанав пред излогот и мислев што да земам кога гледам Стојан Р. пред полиците со храна стои и се врти де лево де десно и некако чудно гледа. Одеднаш набрзинка од полицата грабна од готовите јадења и го пикна под блузата. Јас влегов во продавницата, си купив што ми требаше и излегов без да се сретнеме. Вечерта кај мене дојде еден другар со којшто се имавме запознаено преку тогаш многу популарна акција наречена „Писмо до непознато другарче“. Учеше средно милиционерско (полициско) училиште. Се викаше Кире К. Сега е пензионер. Од Велес. Дојде да ми се пофали оти му дале нова униформа, па да сум му ја видел. Навистина светеше. Одеднаш ми удри нешто во главата и си реков оти ќе одам брадата и мустаќите. За инает ги обриков. Се преоблеков во милиционерската униформа и отидов кај Стојана Р.

Тропање на вратата.

Влегување и вообичаено поздравување. Капата ја имав спуштено
малку надолу, а и бев избричен, нели? Кој ќе ме препознае за само
еден час – од брадест сум станал лизен–мазен. Влегов.

  • Го барам Стојан Р.
  • Јас сум, рече.
  • Од самопослугата имаме налог за претрес оти ни рекоа ра-
    ботниците што пазеле оти си украл готово јадење, ама да не те „брукаат“ пред сите, те пуштиле.
  • Ама јас…
  • Нема ама. Враќај го јадењето или ајде со мене во милиција.
  • Ама јас не сум украл ништо.
  • Е, сега мора да извршиме претрес. Кој е твојот шкаф?
    Ми покажа со прстот. Пребарав и го најдов јадењето.
  • Сега треба да платиш десетпати повеќе отколку што вреди
    јадењето.
  • Јас… јас… немам пари, не сум си одел долго време дома, не ми
    пратија, ве молам…
  • А чија е оваа тегла со маст?
  • Моја – рече – ама не маст, има и месо.

Тогаш ќе мора да ја заплениме и да ја однесеме во самопослугата како компензација, а тие да си ја продадат, инаку ќе мора да те пикнеме во затвор.
Му ја зедов теглата и си излегов. Влегов во бараката и сите се нагостивме./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да ја купат книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: А.Арсов

Сподели: