Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ го одбележува својот 9 -ти роденден, како компанија која е една од најголеми извозници во Македонија, со повеќе 2700 вработени, најсофистицирана опрема за производство на автомобилски кабли и општествена одговорност кон заедницата во која опстојува.
Во рамки на одбележување на деветгодишното опстојување компанијата за роденденот најави низа на настани, донации, спортски настан со натпреварувачки карактер и прослава за најдобрите вработени.
– По повод роденденот на „Амфенол Технолоџи Македонија“ годинава како општествено одговорна компанија одлучивме да извршиме реконструкција на трибината на повеќенаменското спортско игралиште во дворот на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани со поставување на настрешница и седишта за гледачите. Ќе донираме и реквизити за детските градинки во Кочани, Виница, Македонска Каменица, Пробиштип и Берово. За утре, на повеќенаменското игралиште во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ е закажан спортски настан од натпреварувачки карактер помеѓу вработените во „Амфенол Технолоџи Македонија. Традиционално и оваа година на прославата ќе доделиме награди и признанија на најдобрите вработени за 2022 година и за 5 години лојалност кон компанијата – истакна Сашко Наков, генерален директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.
Помеѓу двата родендена, компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија “ бележи раст на вработените, па така во моментот работат 2700 вработени што според менаџментот е раст за 17 проценти во споредна со минатата година.
– Кога ги сумираме бројките може да забележиме дека резултатите од работењето на компанијата се во нагорна линија. Задоволни сме што и во услови на пандемија и енергетска криза успеваме максимално посветено да се справиме со предизвиците кои ни ги носи секојдневието, додаде Наков.
Компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ е во фаза на инсталирање на соларни фотоволтаични панели како една од мерките за справување со енергетската криза, а се работи и на постојано проширување на секторите во компанијата.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов
Видео изјава со клик ОВДЕ