„Секој петок по една“ – Фала му на Бога, добро сум…

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот Гласно.мк ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Фала му на Бога, добар сум…

Пишува: Доне Донев

Меѓу доктор Ѓорги М. и Марко возачот

Доктор Ѓорги М. беше доктор – специјалист. Елегантен човек, со внимателно избран речник. Почитуваше секого кого го познаваше, а исто така беше почитуван од цел град. Даваше мислење за оние што сакаа да полагаат за возачка дозвола. Така што речиси цело Кочани и околината кои полагаа мораа прво да „поминат“ низ негови раце. Немаше да не познава некого, а и цело Кочани и околината го знаеја. Со некои станал и многу близок. Некои ги знаеше по неговата врска од Егејска Македонија.

Докторот со мене беше многу близок пријател и цело време ми велеше сè што ќе напишам да го чувам и подоцна објавам. Добро ми велел, а јас како сериозно да не го сфаќав.

Сега едвај наоѓам ракопис по ракопис, а сакам да истакнам дека токму на негова иницијатива и ги зачував овие (не)згоди. Ми раскажуваше докторот за еден возач Марко од Егејска Македонија којшто живеел во Егејското маало.

Имено, возачот Марко бил по патиштата на Иран, Ирак, Либија, речиси на целиот Блиски Исток. Ми кажуваше докторот оти возачот Марко за една штека цигари што му ги нашле во камионот го затвориле во Ирак и требало да му се суди.

Останало малку време до судењето, ама нашите возачи од Кочани се организирале и успеале да ги подмитат стражарите на притворот и да го ослободат. Го пренеле завиткан во церада која ја ставиле на кровот од камионот „Сканија“ и го донеле во Македонија.

Се сретнал докторот Ѓорги со возачот Марко во домот на Марко и муабет, ваму-таму, како поминал, и пред излегување, пред вратата од домот на Марко, докторот го прашал како поминале возачите што биле таму, а сега се дојдени овде во Кочани. На ова возачот Марко рекол:

– А, бе, докторе шо да ти кажувам. Некои од с`нцето, некои од разликата на температурата многу се поболеа. Некои физички, некои и психички.

– Марче, ти како си помина, за тебе се интересирам?!

– Јас докторе, рекол Марко возачот, фала му на бога, да чукнам у дрво (Марко чукнал на вратата до која стоеле), добар сум.

Ама Марко кога чукнал и рекол „добар сум“, веднаш прашал:

– Да, кој е? Влезете, слободно е./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да ја купат книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот Гласно.мк.

Адаптација: И.Матеничарски

Сподели: