Училиштето за цртање и сликање при НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани вечерва во Кочани ја одбележа 10 годишнината од своето постоење.
Во салонот Фоаје 1 на Центарот за култура, по тој повод беше отворена изложбата на дела со наслов „Архитектура“ на учениците од училиштето за цртање и сликање.
– Можеме со гордост да кажеме дека во изминатава декада се работеше напорно и низ годините, учениците генерациски се менуваа и напредуваа, а дел од нив веќе професионално се реализираа во ликовната уметност што е голем доказ за успешноста работа на училиштето. Со денешната изложба ја одбележуваме десет годишнината, преку дела работени изминатите три месеци од страна на талентираните ученици кои создадоа лепеза од прекрасни и успешни цртежи на тема архитектура – истакна М-р Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн.
На изложбата беа претставени 31 уметничко дело во молив – техника на тема „Архитектура“ работени по повод 10 годишниот јубилеј.
Училиштето за цртање и сликање при НУЦК „Бели Мугри“ започна со работа во 2012 година и веќе десет години претставува расадник на таленти во ликовната дејност. Оттаму уптија благодарност до учениците кои изминативе години беа дел од училиштето за цртање и придонесоа за негово успешно функционирање.
Со изложбата „Архитектура“ беше заокружена годинашнава програма од ликовната дејност на Центарот за култура. Изложбата се реализираше со финансиска поддршка на Министерството за култура.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов