Над 120 бадникари на поворка го најавија Христовото раѓање – Божиќ

Над  120 дечиња и млади утрово учествуваа на Бадниковата поворка во Кочани во рамки на чествувањето на  големиот христијански празник – Христовото раѓање  Божиќ.

Пеејки ја песната „Вечниот Бог“ и носејки ја пештерата што го симболизира Христовото раѓање, со ѕвезди во рацете бадникарите утрово низ кочанските улици  го најавија Христовото рожденство.

Поворката тргна од православниот храм „Св. Вмч. Георгиј“ и продолжи по улиците во централното градско подрачје. На младите бадникарчиња им се придружија поголем број верници и граѓани, по што заедно се упатија пред зградата на Општина Кочани, каде ги пречека градоначалникот Љупчо Папазов со своите соработници.

– Благодарам за овој возвишен чин што го приредувате за нашите сограѓани и што ја продолжувате традицијата што беше воспоставена од неодамна. Посакуваме таа да трае уште долго, а вашите помлади другарчиња и вашите наследници да ја продолжат и во следните години. Нека е за многу години и нека има здравје и среќа, истакна градоначалникот Папазов.

За сите учесници во поворката  Локалната самоуправа на Кочани обезбеди коледарски подароци. Манифестацијата се одржува по трет пат, по двегодишен прекин поради Ковид пандемијата.

И. Матеничарски

Сподели: