Кочанските пожарникари се грижат за безбедноста на ридско-брзинските трки на „Пониква“

Иако најголемата атракција на ридско-брзинските трки на „Пониква“ се автомобилите, сепак понекогаш остануваат незабележани  сите оние професионалци кои работат во позадина и се грижат за поголема безбедност на учесниците на настанот.

Едни од нив се пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Кочани кои викендов се ангажирани во обезбедување на патеката кон „Пониква“, во рамки на одржувањето на ридско-брзинскиот шампионат во автомобилизам на Македонија.

Три возила со 5 пожарникари под раководство на командирот на  ТППЕ Кочани Благој Паунов се распоредени долж трасата на патеката, со специјални возила и опрема за брза интервенција во случај на незгода за време на ридско-брзинската трка.

Несебичната поддршка и професионалниот пристап на пожарникарите е од големо значење, пред се заради обезбедување поголема безбедност на учесниците на ридско-брзинската трка.

Меѓудругото, покрај нивната основна дејност, пожарникарите постојано се ангажирани во спасувачки акции, справување со елементарни непогоди, интервенции за време на сообраќајни несреќи како и обезбедување и логистика на поголеми настани и манифестации.

Секако, овде не треба да ги заборавиме и останатите служби, полицијата и итната медицинска помош кои со свои тимови и во рамки на своите надлежности даваат поддршка во организација на спортскиот настан на „Пониква“.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: