Денското обележување и одржување на хоризонталната сигнализација на јавните патишта и улици во Кочани се покажа како неквалитетно и недолготрајно со оглед на тоа дека се спроведува во текот на денот и во најголемиот сообраќаен шпиц низ кочанските улици.

Минатиот период низ сообраќајниците во Кочани се обележуваа пешачки премини, автобуски постојки и останата хоризонтална сигнализација.
При бележењето најчесто обновената сигнализација уште истиот ден е половично уништена т.с избледена поради тоа што возилата поминуваат преку неа пред бојата целосно да се исуши.

За разлика од Кочани, пример не толку далеку, во Штип бележењето на хоризонталната сигнализација е во вечерните часови кога има помал проток на сообраќај, а со тоа се постигнува поголем квалитет и долготрајност на обележаното. Покрај уништувањто на обновената сигнализација при денското обележување се создава и голем метеж во и така се поголемиот сообраќаен хаос во градот.

Граѓаните на Кочани во минатото паметат бележење на хоризонтална сигнализација и пред Нова година, Велигден, во месец мај, пред матурските прослави или во четврток кога е пазарен ден, односно кога има голема раздвиженост на возила и луѓе.

Факт е дека периодичното обновување на хоризонталната сигнализација ја зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Сепак, кога веќе се трошат народни пари за обновување потребно е истото да се спроведува квалитетно за поголема долготрајност и за константно користење на истата.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов