Над стотина планинари, рекреативци и вљубеници во природата зедоа учество на Меморијалниот планинарски марш „Стамен Каровски“, што во организација на Планинарско – спортскиот клуб „Осогово“ се реализираше на патеката од Пониква до врвот Панаѓур (1669 м.н.в) на Осоговските Планини.


Меморијалниот планинарски марш се организира за прв пат и се планира да стане традиционален во чест на Стамен Каровски, долгогодишен планинар, член во ПСК „Осогово“ и вљубеник во природата, а по повод една година од неговата прерана смрт.

Планинарите го започнаа искачувањето на врвот од паркингот на СРЦ „Пониква“. Маршуата на движењето беше претежно низ шумска обележана планинарска патека се до врвот Панаѓур. Патеката до врвот Панаѓур е од лесна категорија и планинарите во двата правци ја поминаа за четири часа со попатни паузи и задржување на врвот, кружна патека во должина од 8 км.

На самиот врв, градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов и членови на ПСК „Осогово“ одржаа пригоден говор, а планинарите и претставници на фамилијата Каровски одадоа почит со едноминутно молчење во чест на планинарот Стамен.

На враќање во манастирскиот комплекс „Св. Василиј Велики“ на Пониква организаторот на настанот за учесниците на маршот организираше планинарска дружба и традиционално планинарско гравче. Од страна на ПСК „Осогово“ – Кочани беа доделени благодарници на учесници и помагатели на првиот Меморијален планинарски марш „Стамен Каровски“.


На маршот учествуваа претставници на планинарско – спортски клубови и рекреативци од регионот како и љубители на планината, потпомогнат од Локалната самоуправа на Општина Кочани.
И. Матеничарски


