Екипата на „Фабијан“ победник на Илинденските спортски игри 2022 во Зрновци

На повеќенаменското спортско игралиште „Васе Ангелов“ во Зрновци вечерва се одигра финалето од Илинденските спортски игри 2022 година.

Екипата на „Фабијан“ беше најуспешна од 14-те пријавени екипи на годинашново издание на спортскиот турнир и во финалето го совлада тимот на „Европа 92“ со резултат од 3-0. Доминантната игра на „Фабијан“ резултираше со резултат од 2-0 на полувреме, а конечниот резултат од 3-0 беше постигнат во вториот дел од финалниот натпревар.

Претходно, на повеќенаменското игралиште се одигра дуелот за третто место каде се сретнаа екипите на ТП „Жана“ – Тркање и „Славка“ – Трсино, каде со резултат од 4-1 поуспешна беше екипата на ТП „Жана“ која го освои треттото место на турнирот.

На турнирот беа доделени награди за прво, второ и третто место, како и признанија за најдобар играч, стрелец и голман на турнирот.

На првопласираната екипа на „Фабијан“ и беше доделен ваучер од 12 илјади денари, „Европа 92“ ваучер од 7 илјади денари и на треттопласираната екипа на ТП „Жана“ 5 илјади денари.

Најдобар стрелец на турнирот беше прогласен Тоше Манов од тимот на „Европа 92“ со 15 постигнати погодоци.

Признанието најдобар играч на турнирот му припадна на Илија Шуманов, а најдобар голман Марјан Стефанов, и двајцата играчи на „Фабијан“.

Турнирот беше во организација на Локалната самоуправа на Зрновци и Локалниот младински Совет.

И. Матеничарски

Сподели: