Во преполната западна тераса на Центарот за култура „Бели Мугри“ во Кочани вечерва беше отворена хуманитарната изложба на дела организирана во чест на прерано згаснатиот млад живот на нашиот сограѓанин Благоја Апостоловски – Баки.
Автор на изложбата е неговиот братучед, Симеон Трајчов, кој во негова чест ја организира хуманитарната изложба која има продажен карактер, а собраните средства ќе бидат донирани на лица кои боледуваат од карцином.
– Изложбата е хуманитарна и на неа има изложено 23 уметнички дела работени во акрилна и други техники. На уметничките дела се прикажани мотиви од континентот Африка и се работени во текот на летниот период. Изложбата ја организирам во чест на мојот братучед Благоја Апостоловски – Баки кој прерано не напушти од земскиот свет. Собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели, на лица кои боледуваат од карцином. Ја користам приликата да се заблагодарам на „Бели Мугри“ за можноста изложбата да се организира во просториите на националната установа – истакна Симеон Трајчов, автор на изложбата.
Изложбата ќе биде отворена до петок, 23 септември каде граѓаните ќе може да купат од изложените дела кои се на продажба.
Младиот уметник Симеон Трајчов е член на Училиштето за цртање и сликање при НУЦК „Бели Мугри“ и ова е негова прва самостојна изложба на уметнички дела.
И. Матеничарски
Фото: В. Крстевски