Илијев: Решаваме прашање од интерес на целата заедница

Одговор на прес-конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ одржана на 9 март 2021 г.

Почитуван претседателе на ОК на ВМРО-ДПМНЕ,

Прашањата што ми ги упатувате преку прес-конференција се контрадикторни, дискриминирачки и клеветнички. Во нив има паника од решавање на деценискиот проблем којшто со децении се трупал во Старата  касарна.

Прашувате кои лица ќе бидат вселени во новите објекти што допрва ќе се градат, а излегувате со клевета дека се работи за лица кои се криминалци. Истовремено го дискриминирате правото на секој граѓанин за кров над глава. (Евиденцијата на лицата што живеат во Старата касарна ја изработија стручни служби од Општината  со претставници од граѓанскиот сектор.) Поставувате реторички прашања со кои етикетирате граѓани кои со години живеат во општина Кочани, а потврдата за жителство не ја издава локалната самоуправа. Дали вашата партија поседува досиеја за сите граѓани, па знаете кој е криминалец?!

ВМРО-ДПМНЕ имаше три мнозински мандати во Советот на Општината и два градоначалнички мандати да го реши прашањето на жителите од Старата касарна.  Зошто сега, кога е на повидок решавање на проблемот, кај вас се јавува отпор, кој внесува сомнеж на оркестрирано дејствување со неодамнешниот протест – навистина е нејасно! Сега, сѐ повеќе верувам во најавите од некои сограѓани дека сте подготвени да создавате немири и инциденти по ова прашање!

Претседателе Стојков, Вие имате сериозен проблем со историјата на овој проект. Од неа, ќе ви претставам само исечок, од кој се гледа дека Советот на Општина Кочани  едногласно гласаше за неговата реализација.

После прашањата што ги упатувате, граѓаните веќе се убедени дека повеќе сте определени да остане депонијата во центарот на градот и живеењето во супстандардни услови, одошто да се реши децениски проблем на целата општина.

Со вакви прес-конференции работите против интересите на граѓаните, а во корист на сопствената штета.

Со почит,

Градоначалник на Општина Кочани

Николчо Илијев

Сподели: