Угостителските објекти сместени во Градскиот трговски центар доследно ги почитуваат препораките на Министерството за здравство за скратено работно време до 18:00 часот. За жал препораката не допре до дел од казината и обложувалниците во градот.
Кафетериите и рестораните за утре потребно е да го преполоват својот капацитет, со цел да се задржи дистанца од метар ипол до два на луѓето кои престојуваат во објектот.
Овие мерки како превентива од ширење на коронавирусот ги донесе Владата на Република Македонија, на седница одржана денес, на која меѓудругото ги забрани и сите јавни и приватни собири, концерти, работата на театри, спортски сали и теретани.
Низ улиците на Кочани забележана e и помала фрекфенција на луѓе и возила, за што сведочат празните паркинг места и тротоари, што значи дека граѓаните ги почитуваат препораките на надлежните. Дел од маркетите во градот информираат дека последните два дена зголемена е потрошувачката на брашно, тестенини и конзервирани производи.
Сепак од Министерството за здравство смируваат дека нема потреба од паника, а ситуацијата ја имаат под контрола. Потребно е граѓаните да бидат одговорни и да ги почитуваат насоките од надлежните служби.
За граѓаните и правните субјекти кои нема да ги почитуваат препораките на Владата предвидени се парични казни.
И.Матеничарски






