Од понеделник (12 јули) започнува теренската имунизација на населението против Ковид-19 во Кочанско. Според планираното, во населените места и села во Кочанско ќе бидат поставени мобилни вакцинални пунктови со медицински екипи, каде без закажување заинтересираните граѓани ќе може да се имунизираат.
-По претходно утврден распоред кој ќе биде објавен до петок, започнуваме со теренска вакцинација на грѓаните, во поголемите населени места и села во Општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево. Планот е да се постават пунктови и граѓаните доброволно и без закажување да се имунизираат. Во моментот на располагање имаме вакцини на производителот „Синовак“ и вакцината на „Астра Зенека“ која ја аплицираме на лица над 65 годишна возраст, истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница со проширена дејност – Кочани.
Во подоцнежна фаза, планирано е вакцинални пунктови да се постават и во градот Кочани, односно во месните и урбани заедници.
Во моментот сите заинтересирани граѓани за вакцинација може без закажан термин да се јават на пунктот за вакцинација во Кочани и да примаат вакцина. Од наредната седмица, планирано е да почне и теренска имунизација на постарите, неподвижни и изнемоштени лица кои вакцината ќе ја примат во своите домови.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов