OO СДСМ Кочани – Зад „хуманитарните“ иницијативи во училиштата се гледаат партиските манипулации на ДПМНЕ

Почитувани граѓани,
Изминатава седмица бевме сведоци на јавни препукувања поврзани со неколку образовни институции во Кочани. По сето она што излезе во јавноста, општа е констатацијата дека зад наводните „хуманитарни активности“ стојат партиски манипулации во образованието и лични интереси на поединци.
Тоа го потврди локалното ДПМНЕ кое се вмеша во преписките и побрза со соопштение да си ги штити своите партиски делегати во училиштата.
Со тоа ги злоупотреби најчувствителните улоги во образовниот процес, само за да создаде интриги коишто ќе влијаат на работењето, позитивната клима и на угледот на училиштата.
Со ваквите партиски сценарија во училиштата имавме можност да се потсетиме на демонстрација на незаконско работење, неизвршување на работните задачи, неодговорно и несовесно однесување, нестручност на највисоко ниво – начин на кој функционираше образованието цела деценија додека владееше ДПМНЕ.  Никој не може да заборави дека образованието беше огледало на децениското криминално владеење на ДПМНЕ! 
Ги повикуваме надлежните институции и служби да го истражат случајот. Во училиштата што поскоро да влезат Државниот просветен инспекторат, Трудовата инспекција, Бирото за развој на образованието и секој во својот делокруг да го истражи начинот и квалитетот на работењето на секој поединец вклучен во образовниот процес, поврзан со „хуманитарните иницијативи“. Следствено на тоа – никој да не биде поштеден од одговорноста!
Во името на ОО на СДСМ ги повикувам партиските челници на ДПМНЕ да не ги злоупотребуваат училиштата, зашто никој не сака да се врати хаосот и милионските долгови што тие ги оставија во образовните институции.
Никогаш повеќе образование за криминални партиски и лични цели !

Гоце Серафимов
– претседател на ОО СДСМ – Кочани

Сподели: