„Pit Stop“ со поддршка на локалните таленти од Кочани

Самопослужната автоперална „Pit Stop“  уште еднаш покажа дека е за промоција и поддршка на локалните таленти од Кочани. 

Тие на својата официјална фејсбук страна објавија дека оваа сезона ќе го поддржат кочанецот Дејан Манасиев, кој со своето „Рено Клио“ се натпреварува во ридско брзинските натпревари од државниот шампионат на Македонија во сезоната 2020.

Во шампионатот во кој Дејан се натпреварува по вторпат, оваа година најавени се девет трки, вклучувајќи ја и домашната „Пониква“. Календарот на натпревари за сезона 2020 се очекува да биде познат во следниот период.

Од  „Pit Stop“ му посакаа успех на Дејан, а воедно испратија порака до сите кои се во можност, да го поддржат талентираниот сограѓанин, за што поголем пласман во новата сезона.

Ова не е прв пат менаџментот на „Pit Stop“  да дава поддршка на локалните спортови. Претходно тие го донираа дневниот промет за ГФК „Осогово“, гест кој треба да биде пример и за останатите стопанственици финансиски да придонесат во развој на локалните спортови во градот.

И.Матеничарски

Сподели: