Двајца малолетници се тешко повредени во сообраќајна несреќа што се случила помеѓу автомобил марка „Фолксваген Туран“на кочански регистарски ознаки и моторцикал, на булеварот „Тодосија Паунов“, кај Станицата за технички прегледи „Кузе Моторс“.
Според очевидци на настанот несреќата се случила во директен судир на моторциклот и автомобилот кој во моментот на несреќата свртувал за влез во објект покрај патот.
Од кочанската општа болница за интернет-порталот „Гласно“ информираа дека на хируршкото одделение од страна на екипа од Итната медицинска помош се донесени и примени двајца тинејџери на возраст од 15 години.
– Врз пациентите е извршена првична интервенција и се испратени на клиниката во Скопје. Двете лица се со повреди на главата, фрактури на бутна коска и колено, соопштија од кочанската Општа болница.
Според информации на очевидци тинејџерите се ученици во СОУ „Гошо Викентиев“.