Кочанските средни училишта ги започнаа уписите на нови средношколци во новата учебна година.
Оваа година пријавувањето ќе биде електронски во два уписни рокови, преку порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со најава на учениците преку сопствените кориснички сметки на https://schools.mk/.
Првиот уписен рок започнува денес 20 јуни до 24 часот и утре 21 јуни до 15 часот, додека второто пријавување е најавено за 27 јуни до 24 часот и 28 јуни до 15 часот.
Во СОУ „Гошо Викентиев“ учениците може да избираат образовни профили од електротехничката, машинската и сообраќајна струка како и новите дуални паралелки. За оваа учебна година има отворено 304 места за запишување, а учениците ќе бидат распоредени во 10 паралелки.
Во СОУ „Љупчо Сантов“ за оваа учебна година има отворено 254 слободни места а учениците ке бидат распоредени во 8 паралелки. Училиштето нуди три образовни профили, гимназиско образование, економско – правна и трговска струка и хемиско – технолошка струка.
Критериуми за избор се средниот успех на ученикот од 6 до 9 одделение, како и средниот успех постигнат по четири предмети (мајчин и странски јазик и два предмети што се од зачење за струката), средна вредност од поени за поведение, како и дипломи од освоени места на државни и меѓународни натпревари.
А. Арсов