Осветен крстот на храмот „Св. Преображение“ во Кочани

Во присуство на голем број верници денес во Кочани беше извршен чинот на осветување и поставување на крстот на куполата на храмот посветен на „СВ.Преображение“, кој се наоѓа во „Стопански двор“ во близина на фабриката „РУЕН“.

Осветот го  изврши Митрополитот Брегалнички Иларион во сослужение на свештеници од Брегалничката епархија од кочанското архиерејско намесништво. Овој храм ќе биде од голема корист за верниците од овој дел од градот и место каде ќе се вршат сите верски обреди и чествувања на празниците.

„Му благодариме на Господ што благослови на ова место во Кочани да се продолжи со градбата на црквата која многу брзо се гради благодарение на едно многу честито и богољубиво семејство кое што го гради храмот со многу љубов. Истиот ќе биде за духовна полза на сите христијани кои што живеат во овој крај. Храмот е посветен на Преображението Господово што се празнува на 19 август. Храмот ќе биде духовно место каде што сите луѓе ќе му се молат на Бога и ќе му благодарат, но ќе се извршуваат и свети тајни крштевање и венчавање и ќе биде духовен центар  за верниците од овој крај. Кога ќе биде готова и оваа црква и она што се гради  во Драчевик тогаш заедно со старата црква „Св. Ѓорѓи“  Кочани ќе има три храмови за молитва на верниците“, рече Владиката Иларион, Митрополит Брегалнички.

Чинот на осветување на крстот и куполата на храмот се изврши во чест на денешниот празник „Свети три светители“.

На свечениот чин присуствуваше градоначалникот Николчо Илијев и други претставници од општината, а покрај осветување на крстот Владиката Иларион го освети и пресече  Славскиот колач.

И.Матеничарски

Сподели: