Родителите на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ на денешниот 28. протестен „Марш за ангелите“ во Кочани рекоа дека не сакаат обвинетите што ќе влезат во судница да признаат вина, туку да признаат дека се виновни и оние лица кои не се опфатени во истрагата за кочанската трагедија. Реагираа дека не тие како родители, туку институциите треба да го дадат одговорот на прашањето кои лица не се опфатени во истрагата.

Родителите го започнаа протестниот марш од Паркот на револуцијата преку Трговскиот центар до зградата на Управата за јавни приходи и кочанската полиција. Потоа се упатија кон кружниот тек кај двојниот мост во Кочани кадешто петнаесет минути го блокираа сообраќајот.

Пред новинарите рекоа дека се уште немаат одговор од Кривичниот суд во врска со поднесеното барање на ЗГ „16 Март 2025 г. Кочани“ за определување на построги мерки за претпазливост за поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, бидејки како што претходно соопштија тој имал забрана за приближување или воспоставување на контакт со оштетено лице во случајот. Додадоа и дека немаат информација од обвинителството до каде е истрагата за осомничените полициски службеници, но со според нивни сознанија обвинението треба да биде подигнато кон крајот на ноември.

-Затоа сме тука, да кажеме на цел глас, без страв и без молчење нивната жртва не смее да биде залудна. Но дали само нашиот глас е доволен? Зарем не треба да е тоа гласот на луѓето од цела Македонија? Гласот што бара одговорност, глас од народот што не се плаши да ја погледне вистината в очи и да каже – доста беше неказнетост, доста беше корупција, доста беше молк Каде се институциите? Каде е системот што требаше да не штити? Каде беа тие што седат во своите луксузни канцеларии, во меките фотелји, платите што ги земаат од народни пари — а не видоа, не слушнаа, не почувствуваа дека пред нив се создава однадвор шупа, а внатре замок на монструм. Сите оние што требаше на време да спречат со својата тишина, со својата рамнодушност дозволите што ги издале без да проверат — тие му помогнаа на монструмот. Не со оружје, туку со молк. И тоа стана смртоносно. Како резултат на вашите пресметки, вашата борба за власт, на вашите подавања на круната те на едните те на другите— не видовте, не слушнавте, не почувствувавте дека пред вас се издига штала, а не замок на монструмот. Монструм свиреп, што единствено ги сака парите. Монструм што ги гледа луѓето како бројки, а не како срца. Вашите политички игри, поткупливоста, алчноста, неодговорноста и личните интереси ја создале почвата на која тој израсна. И затоа денес никој од вас нема право да молчи. Вашето “не видов” и„не знаев“ се рамни на „дозволив“ и „помогнав” Денес не зборуваме само за ПРАВДА — зборуваме за совест. За сите оние што ја продадоа душата за фотелја, за пари, за лажна моќ. богатство, ја изгубија човечноста по пат. Трчајќи по власт, функција. Ни се гади од тој свет на купени совести, продадени срца и од таа желба за богатство и власт што ги јаде луѓето како болест, рече Манта Стоименова, мајка на починатиот Спиро.


Протесниот марш продолжи кон зградата на Основниот суд и обвинителство во Кочани каде на вратата од зградата на судот беа оставени фотографии од починатите во кочанската трагедија.


Протестниот марш заврши онаму кадешто и почна, во Паркот на револуцијата во Кочани.
И. Матеничарски






