Најавени секојдневни блокади во Кочани додека не почне судењето за „Пулс“

Родителите на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ најавија секојдневни едночасовни блокади на кружниот тек кај двојниот мост во Кочани, почнувајки од утре, во периодот од 15:15 до 16:15 ч. како што рекоа, се додека не почне судењето и во зависност од тоа како ќе се одвива истото.


На 26. протестен „Марш за ангелите“  пред судот и обвинителството во Кочани рекоа дека срамни и за нив понижувачки се изјавите од адвокатите на дел од обвинетите кои јавно говорат дека судењето за случајот „Пулс“ може да трае десетина години, што на некој начин ја подготвуваат јавноста за одолговлекување и заборавање на случајот што тоа родителите нема да го дозволат.

-Нашите деца не се бројки во предмет — тие се човечки животи згаснати поради туѓа негрижа и неодговорност. Секој ден без правда е нова рана за нас. Побаравме и повторно бараме итна и конкретна акција од надлежните институции: Да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси.Рочиштата да добијат приоритет и постојано темпо — со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Јавно и транспарентно следење на сите процесни активности за да нема сомнеж во манипулации или скриено бавење. Ние нема да чекаме 15 години за вистината.  Од недела, 12 октомври, ние, семејствата и нашите поддржувачи започнуваме мирни јавни собири и блокади пред кружниот тек кај мостот спроти „Спорт Риалити“ — секојдневни, ненасилни и достоинствени активности додека не започне судењето. Имаме одобрение од МВР и соработуваме со нив за обезбедување на безбедни услови за нашето присуство. Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука на кружниот тек — додека не почне судењето , а за понатаму зависи како ќе се одвива судењто. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, сопшти Габриела Наунова, мајка на починатата Надица.

На протестот и денес дваесетина минути беше блокиран кружниот тек кај двојниот мост во Кочани при што родителите рекоа дека и по седум месеци од трагедијата одговорните се уште се на слобода.

-Сакаме да потсетиме – на зборовите што веќе еднаш ги кажавме, на вистината што не смее да се заборави. Секој наш ден започнува и завршува со болка. Секој миг нè прогонува истото прашање: Дали нашите деца можеа да бидат спасени? Одговорот е јасен и болен – можеа. Но денес, седум месеци подоцна, одговорните сè уште се на слобода. Лицата од болницата, пожарната, обезбедувањето, полицијата – сите тие што затаија во својата должност – слободно се движат низ градот, како ништо да не се случило. Никој од нив не покажа одговорност, ниту барем разбирање за болката што ја носиме. А некои од докторите, наместо да спасуваат животи, денес се занимаваат со политика. Седум месеци поминаа, а никој не се запраша како се чувствуваме ние, родителите. Ниту една институција не покажа човечност. Ниту еден претставник не дојде да нè праша како сме. Но нека знаат – нашата болка повеќе не е само тишина. Нашата болка почнува да се претвора во револт. Револт против неправдата. Револт против молкот. Револт против неказнивоста, рече Тања Коцева, мајка на починатата Ана од Виница.

Родителите аперлираа до судиите и обвинителите да не дозволат тие да бидат принудени правдата да ја земат во свои раце и сами да ја бараат пресудата.

-Не дозволувајте да се изгуби довербата во правдата. Постапете сега – правично, хумано и одговорно. Нашите ангели заслужуваат правда. Ние заслужуваме вистина. Нема да молчиме. Нема да заборавиме. Додека дишеме – ќе се бориме за нашите деца. Ова не е само потсетување на трагедијата,туку потсетување на човечноста, совеста и одговорноста што мора да постојат. Да не дозволиме оваа болка да стане уште една заборавена приказна во архивите на неправдата. Нашите ангели заслужуваат повеќе. Секогаш ќе ги сакаме. Секогаш ќе се бориме за нив, додаде Коцева.

Протестниот марш започна од Паркот на револуцијата, преку Трговскиот центар, зградата на Управата за јавни приходи и кочанската полиција. Оттаму продолжи кон кружниот тек кај двојниот мост во Кочани каде имаше дваесетминутно блокирање при што оттаму се упатија кон  Основниот суд и обвинителство. Маршот заврши онаму кадешто и почна, во Паркот на револуцијата.

И. Матеничарски

Сподели: