Сообраќајно безредие е описот што ја доловува сликата за Градскиот плоштад во Кочани веќе подолг временски период.


Паркирани автомобили на пешачки премини, автобуска постојка, на кривина од крстосница и уште какви не прекршувања на сообраќајните правила е секојдневната сообраќајна хорор слика на Градскиот плоштад.
– Сообраќајните инспекциски служби прво да си го расчистат нивниот двор пред собранието (плоштадо) каде има оставени возила обраснати во трева. Додека регистрираните и обележани такси возила уредно се паркирани кај влезот на пазарот, дивите таксисти необележани, повеќето без возачка и со нерегистрирани возила се паркираат на плоштадо па дури и на пешачки, коментираат граѓани на социјалните мрежи.

Несовесните возачи паркираат каде ќе стигнат, а полицијата немоќна да се справи со прекршителите на Градскиот плоштад. Таквата ситуација на немоќ не е пракса во останатите делови на градот каде полицијата опоменува и казнува кај што ќе стигне.

Граѓани реагираат дека на Градскиот плоштад се вози брзо, а најголем дел од возачите се или малолетни и без возачка дозвола. Граѓанин до интернет – порталот „Гласно“ реагираше дека минатата недела на пешачки премин кај мостот на Градскиот плоштад ќе бил турнат од малолетно лице кое со голема брзина управувало комби возило.
Стартување на возила и гласна музика до доцните вечерни часови е секојдневна појава и реметење на мирот на жителите во стамбените згради и околни објекти во близина.
Граѓаните што живеат во близина на Градскиот плоштад реагираат дека веќе подолг период се чуствуваат небезбедно. Побараа надлежните да ги заштитат од несовесните возачи и да го вратат мирот на плоштадот.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов


