Министерката Шахпаска и градоначалникот Илијев на увид во изградбата на детската градинка во Драчевиќ

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев, извршија увид во изградбата на новата градинка во населбата Драчевиќ која е во завршна фаза.

Детската градинка е изградена на површина од 955 метри квадратни на две нивоа, приземје и кат, по најнови стандарди, еколошки материјали и соодветна термичка изолација. Објектот може да згрижи вкупно 112 деца, поделени во шест занимални, односно групи, две јаслени групи од 0 до 2 години и 4 занимални за мешани групи на деца од 2 до 6 годишна возраст.

-Се работи за проект кој што е изграден по најсовремените светски  стандарди за установи за предучилишно згрижување на деца. Објектот има термичко-вентилирачка фасада која меѓудругото ќе придонесува за чист воздух и здрава животна средина на децата. При посетата на објектот го увидовме квалитетот на градбата на градинката, градинката е инклузивна и ќе овозможи згрижување на деца со попреченост што е сериозна придобивка во испорачување на концептот едно општество за сите, истакна министерката Шахпаска.

Градинката има вкупно шест занимални, дистрибутивна кујна, две заеднички, таканаречени дневни соби поврзани со тобоган. Таа е од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Во игралиштето има рингишпил, јажиња, ѕидови за качување и тактилна патека. Објектот има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и го прочистува воздухот во околината од смог и загадување.

-Новата детска градинка полека го оформува својот конечен лик. Задоволен сум што за скоро четири години одговоривме на потребите на стотина семејства кои чекаат за згрижување на своите деца во јавната установа. Задоволен сум што успеавме да ги подобриме условите и квалитетот во детската заштита, истакна градоначалникот Илијев.

Изградбата на градинката е во рамки на проектот за подобрување на социјалните услуги што Минитерството за труд и социјална политика го реализира со поддршка на Светска банка, а неговата вредност е околу 57 милиони денари. Техничкиот прием на објектот се очекува биде за две недели по што градинката ќе биде пуштена во употреба.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: