Во Кочани се одржа 28. издание на манифестацијата „Денови на медот“

Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани денеска во Паркот на револуцијата е домаќин на 28 издание на манифестацијата „Денови на медот“.

На платото во кочанскиот парк, излагачи – пчелари од цела Македонија нудат пчелни производи при што  граѓаните имаат можност да пробаат и да купат од продуктите. Освен медот, на настанот се продаваат и разни креми кои во комбинација со мед и други лековити билки имаат позитивен ефект при користење.

-Имаме дваесетина учесници од цела Македонија од Охрид до Пехчево.  Главна цел е промоција на медот како производ од пчелите, како здрава храна и останатите пчелни производи. Цел е граѓаните да се запознаат со бенефитите од медот, медот како производ што треба да се конзумира во текот на целата година за подобрување на имунитетот на конзументите, рече Борчо Атанасов, претседател на ПЗ „Матица“ од Кочани.

Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани  е едно од најактивните здруженија во регионот што преку традиционалната манифестација и активности придонесува за развој на пчеларството, поддршка на пчеларите и промоција помеѓу населението.

-Манифестацијата е убава традиција и во однос на пчеларите  да се промовираат пчелните производи, меѓутоа и можност за граѓаните од Кочани и регионот лично да се запознаат со пчеларите и со сите пчелни производи. Ваквите собири имаат и едукативен карактер, да се запознаат со процесот на создавање на медот како производ, со пчеларите и создавање на здраванавика на конзумирање, рече Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија во Македонија.

28. издание на манифестацијата „Денови на медот“ го отвори в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски при што ја истакна заложбата на Локалната самоуправа за продолжување и збогатување на пчеларската манифестација во иднина.

-Изразувам посебна поддршка за здружението „Матица“ по чија заслуга  е оваа традиција. Традицијата не се купува со пари, таа се негува, надоградува, со љубов од година на година. Сите треба да имаме поголема свест во користењето на пчелните производи. Посакувам подобрување на регулативата, не само од Европската комисија туку и од Агенцијата за храна и ветеринарство, бидејки сме свесни дека со неквавлитетни производи се загрозува здравјето на купувачите. Ова е една од ретките прилики каде се нуди цел асортиман на квалитетни пчелни производи, рече на отворањето, в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски.

Од Сојуцот на пчеларски здруженија на Македонија информираа дека годинава приносот на мед е поголем споредбено со лани, но истиот се разликува од регион до регион.  Најголем фактор се климатските промени што на удар најмногу ги става пчеларите.

Поддршката за пчеларите од Министерството за земјоделство е 600 денари од пчелно семејство што споредбено со трошоците е малку.  Европскиот пчеларски сојуз што е формиран минатата година издал препорака до сите земји од Европската унија за дополнителна поддршка од 600 денари по пчелно семејство во 2026 година. Заклучокот е пренесен и до надлежното ресорно министерство во Македонија од каде е добиено ветување дека истото ќе се реализира.

Манифестацијата беше збогатена со ритмичка точка на ученици од ООУ „Св. Кирил и Методиј“  и настап на локалниот рок бенд „Немеза“.

Манифестацијата „Денови на медот“ е поддржана од Локалната самоуправа на Кочани и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

И. Матеничарски

Сподели: