Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов во изјава за медиумите информираше дека пожарот на Градската депонија во Кочани, кој избувнал вчера околу 2 часот по полноќ, според првичните сознанија е предизвикан со намерно палење.


– Некому најверојатно му пречи како е средена и како функционира депонијата, најверојатно му треба чад и отров со што би нѐ тровел, па од многу тешко пристапен терен, некој пироман направил еден вид обрач, веројатно со бензин, и ја потпалил депонијата. Вчера од 4 часот наутро до доцна навечер направивме максимални напори и постигнавме голем напредок – го ограничивме пожарот и го локализиравме на самата депонија – истакна градоначалникот.
Утринава заседаваше Кризниот штаб на Општина Кочани, на кој учествуваа претставници на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, КЈП „Водовод“, Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво. На состанокот беа донесени насоки за натамошно постапување, а на терен продолжуваат интензивните активности за целосно справување со пожарот.
Градоначалникот упати апел до граѓаните да се воздржат од какви било дејствија што можат да ја загрозат безбедноста и здравјето на населението, најавувајќи дека Општината ќе воведе засилен надзор на депонијата со мобилни патроли и термални дронови за откривање и спречување на евентуални нови обиди за намерно предизвикување пожари.



