Поради порастот на потребата од медицинска нега предизвикана од пандемијата, неопходно е да се воспостават алтернативни места за нега на ковид-пациенти.
– Кочани е една од општините каде ќе се подигне монтажна болница со целосна опрема. Предлогот е таа да биде во кругот на Општа болница. За таа цел треба да исполниме одредени услови: да изработиме платформа со приклучоци за струја, вода и канализација, а поради тоа треба да извршиме и измени во Планот за јавни набавки. Сметам дека таква монтажна болница е придобивка за Кочани и за регионот – соопшти градоначалникот Николчо Илијев на последната седница на Општинскиот кризен штаб.
Членовите на Кризниот штаб ја разгледуваа состојбата со коронавирусот: почитувањето на мерките за заштита, спроведувањето на уредбите и протоколите за угостителски објекти.
Директорот на Центарот за јавно здравје во Кочани, Гоце Серафимов истакна дека досега се направени 1 054 тестови, а регистрирани се 82 позитивни случаи и 30-ина активни. – Внимаваме, тоа што се случува во Штип да не се прелее кај нас. Очекуваме поголем број заболени од почетокот на септември и повикуваме на сериозно и одговорно однесување и почитување на мерките, во спротивно може да се соочиме со голема криза – изјави Серафимов.
Според Александар Максимов, началник на Одделението за внатрешни работи – Кочани, се преземаат мерки за казнување на физичките и на правните лица кои не ги почитуваат уредбите и протоколите за работа. Максимов истакна дека во содејство со Државниот пазарен инспекторат се прават контроли во угостителските објекти, но неопходно е зголемување и засилување на мерките.
На седницата, Општинскиот кризен штаб го разгледа почитувањето на препораките за организација на пазарниот ден. Сите беа единствени во незадоволството од кршењето на мерките за заштита и поставувањето тезги од двете страни на улицата „Гоце Делчев“.
– Ако и овој четврток не се почитуваат мерките, го повикувам Кризниот штаб веднаш да донесе одлука пазарот целосно да се затвори. Кршењето на оваа мерка е недозволиво. Ако другите овластени служби не можат да одговорат на воспоставување на редот, нека реагира и полицијата – повика градоначалникот Илијев.
Директорот на КЈП „Водовод“ Андреј Киров соопшти дека поради алармантноста на состојбата во седните општини, ќе препорача в четврток да се спречи изложувањето на производи на лица од другите градови. Киров, исто така ги повика граѓаните на рационално трошење на водата за пиење.
Општинскиот кризен штаб побара да се разгледаат надлежностите за контролирање на работата во фабричките хали и во јавниот превоз.
Градоначалникот Илијев повика на почитување на мерките за одржување социјална дистанца, носење заштитни маски и одржување хигиена.