Вчерашното невреме во Кочани остави паднати дрвја, повредени стебла и крошни, скршени гранки, кои блокираа дел од сообраќајниците во Кочани. Делови од градот останаа без електрично напојување и вода од градскиот водовод, а по улиците можеа да се забележат делови од лимени покриви, ќерамиди и жици.


Од вкупно 58 евидентирани пријави, најголем дел, односно 40 % се однесуваат на паднати и скршени дрвја. Невремето предизвика незначителни штети и врз електродистрибутивната мрежа, а пријавени се и неколку оштетувања на кровови, објекти и пластеници.

Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов соопшти дека веднаш по невремето надлежните служби постапиле итно и сите сообраќајници се проодни и безбедни за движење, а снабдувањето со вода и струја е нормализирано.

Екипите ќе продолжат да ги санираат последиците од невремето со цел состојбата целосно да се нормализира. Синоќа седница одржа и Кризниот штаб, со цел координирано и навремено да се продолжи со активностите за расчистување и со поправки на оштетувањата.





