Свечен коњички марш во пресрет на празникот Илинден организираа ЗГ „Кочанска коњаница – Осоговски Елит“ во соработка со битолската коњаница „Галоп“ во рамки на манифестацијата „Илиндески коњанички собир“ денеска во Кочани.


Свечениот марш на дваесетина коњаници тргна од Градскиот стадион „Никола Мантов’ кон Стришани откаде коњаницата се упати кон Алејата на ангелите во Градските гробишта во Кочани кадешто положија свежо цвеќе на жртвите од кочанската трагедија.


Потоа коњаницата дефилираше и низ централните улици каде се приклучи на културно-уметничката програма во Паркот на револуцијата во Кочани.


Во Паркот на револуцијата беше изведана националната химна и оддадена почит на жртвите од трагедијата во „Пулс“. Свој настап имаа фолклорните друштва „Мугри“ и „Митко Алексов“ од Кочани.


Според старите обичаи, коњаницата беше пречекана со погача и сол, додека свештеници од храмот „Св. Вмч. „Георгиј“ – Кочани им дадоа благослов за среќен пат и успешно завршување на нивната замисла.


Коњаницата денеска тргна од Кочани и се очекува да пристигне во Крушево на 2 Август – Илинден кадешто ќе биде дел од централанта прослава на Мечкин Камен.

„По патот на Илинденците“ се одржува втора година по ред во Кочани.
И. Матеничарски



