Започна процесот на окрупнување на земјоделско земјиште на дел од подрачјето на Општина Чешиново-Облешево

Проектот финансиран од Европската Унија „Воведување на национална програма за консолидација на земјиште“ што го спроведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО)  преку провајдер компанијата „Цветковски консалтинг“, денеска во Кочани спроведе инфо средба на која беше означен почетокот на консолидација (окрупнување) на земјоделско земјиште на подрачјето на селата Спанчево и Соколарци.

Станува збор за проект со кој ќе се окрупни земјоделското земјиште на дел од подрачјето на Општина Чешиново-Облешево, со што ќе се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, подобрување на  условите за живот во руралните средини и обезбедување на одржливо користење на природните ресурси.

-Денешната средба во Кочани е заедничка средба  на експерти  од фирмата провајдер  „Цветковски консалтинг’ и  Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) која е задолжена за спроведување на целиот проект. Ние како компанија ќе ги работиме теренските активности, додека ФАО  се должни за надгледување на процесот и негово спроведување. Средбата во Кочани е практично едно формално примопредавање на работите со што  како фирма провајдер  слободно можеме да кажеме дека почнуваат активностите за консолидација на подрачјето на Спанчево и Соколарци, истакна Никола Рибароски, тим лидер на компанијата провајдер „Цветковски консалтинг“.

Во процесот на консолидација ќе бидат вклучени сите засегнати страни, сопственици на земјоделски земјишта, експерти како и локалната самоуправа. Во Општина Чешиново-Облешево  во моментот се спроведува втората и трета фаза од консолидацијата, односно директното спроведување на процесот на окрупнување.

Во процесот се вклучени 15-тина експерти од различни области, а истиот е предвиден да трае една година.

Програмата за консолидација тековно се спроведува на повеќе локации во државата меѓу кои Логоварди и Оптичари (Општина Битола), Соколарци, Спанчево (Општина Чешиново-Облешево), Трн (Општина Битола), Лешани (Општина Дебарца), Кожле (Општина Петровец), Дабјани (Општина Долнени).

И.Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial