Заврши изградбата на пешачко-велосипедската патека што ги поврзува новиот мотел и круната на браната Гратче. Патеката просечно е широка 1,5 м, долга е 520 метри и е поплочена со бехатон.
Во завршна фаза е и реконструкцијата на постојната, земјена патека од месноста Бавчалук до локацијата Тополник.
Во наредниот период ќе следува означување на патеките со патокази, уредување места за одмор, поставување видиковци, клупи, канти за отпад и друга урбана опрема.
Проектот „Планински велосипедски рај“, со кој се градат овие патеки, вклучува изградба, реконструкција и надградба на постојните земјени велосипедски патеки и на Осоговските Планини на релациите Грaтче – Јастребник – Пониква и Пониква – Гратче.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев оценува дека овие 35 км пешачки и велосипедски патеки претставуваат нови содржини кои ќе ја зголемат привлечноста кон природните убавини на кочанскиот крај.
Целта на проектот „Планински велосипедски рај“е да придонесе за проширување на туристичкиот потенцијал, со посебен акцент на планинарството и планинскиот велосипедизам.