Нова донација на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ за Општата болница со проширена дејност – Кочани.

Претставници на компанијата „Амфенол“ на чело со директорот Сашко Наков денеска ја посетија Општата болница со проширена дејност – Кочани и на директорот на здравствената установа Александар Серафимов му ја врачија донацијата од информатичка опрема со која ќе се подобри квалитетот на работата и заштитата на податоци на болничките сервери и компјутери. Станува збор за донација на уред за „Firewall“ заштита на податоци како и модерни софистицирани принтери за биохемиската лабораторија .
-Денес имаме задоволство да ја посетиме Општата болница со проширена дејност – Кочани. Причина и повод за посетата е донацијата што ја обезбeдивиме како „Амфенол Технолоџи Македонија“ за Општата болница во Кочани. Средбата беше и причина да поразговараме и да дадеме поддршка на лекарите и институцијата за целокупното нивно залагање и работење, бидејки тие се луѓето кои ја одбележаа минатата година и сигурно заслужуваат честитки. Дониравме ИТ опрема и опрема за заштита на податоци на болничките сервери. Општата болница во Кочани и во иднина може да смета на нашата поддршка се со цел да помогнеме болницата да израсне во сериозен здравствен столб во овој регион на државата, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија.
Наков додаде дека донацијата е по претходна консултација со менаџерскиот тим за потребите на болницата.
Александар Серафимов, директор на Општата болница со проширена дејност – Кочани од лично име и од името на вработените во кочанската болница искажа голема благодарност за донацијата од страна на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ која ќе биде од голема корист на здравствената институција.
„Амфенол Технолоџи Македонија“ како општествено одговорна компанија и претходно донираше за кочанската Општа болница. Со средства на компанијата беше обезбедена оптика за ендоскоп, а на почетокот на пандемијата со КОВИД-19 набавени и донирани беа 250 броја на заштитни скафандери како и 10000 парчиња на трослојни хируршки маски за медицинскиот персонал во болницата.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов