Во НУЦК „Бели мугри“ вчеравечер беше одржан концерт под наслов „Македонски евергрини“ на учениците и професорите од штипското средно музичко училиште ДМУЦ „Сергеј Михајлоов“.

Публиката уживаше во двочасовната изведба на најпознатите македонски евергрини под диригентската палка на Славица Деспотова, испеани и отсвирени од страна на професорите и учениците заедно со оркестарот на училиштето.

Пред публиката беа изведени безвременските евергрин хитови „Свирете ја зајди зајди“, „Чија си“, „ Еми“, „Лиду лиду ду“, „Љубовта е моја религија“ и други познати песни. Највпечатлива беше оперската изведба на професорката Виолета Арсовска со „Ангели ме носат“, Сè е исто како лани” во изведба на проф. Зоран Настов и проф. Виолета Арсовска и „Виолина и гитара во изведба на проф. Никола Јанков и Димитар Филев.

– Сакам да ве поздравам и да се заблагодарам на директорот на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ којшто ја прифати мојата покана да учествуваат пред кочанската публика и да одржат концерт на познатите македонски евергрини. Вечерва имате можност да уживате во македонските стари најубави песни кои секој од нас си ги потпевнува секојдневно, рече Ана Зафирова, директорка на „Бели мугри“.
Настанот е дел од програмата на националната установа.
И. Матеничарски
