Кочани доби мурал со порака за солидарност

Со изработка на мурал на фасадата на „Водостопанство“ во Кочани продолжува програмата на 15. издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат. Автор на муралот е уметникот Ненад Тонкин, а реализацијата е во партнерство со Општина Кочани.

Според организаторот на АКТО фестивалот, идејата за изработка на мурал во Кочани е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, а пораката „Солидарноста е лекот за јакнење на имунитетот“ има за цел да ја потенцира важноста на солидарноста во актуелните услови на здравствената криза.

– Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци, туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно – соопшти Филип Јовановски од АКТО фестивалот.

Муралот во Кочани е дел од серијата кои деновиве се изработуваат на површина од 600 метри квадратни во уште шест други градови: Битола, Прилеп, Велес, Штип, Гевгелија и во населбата Ченто во Скопје.

Сподели: