Со 1,3 процентни поени зголемување на годишно ниво, Општина Кочани трета година по ред останува на врвот на ранг-листата за активна транспарентност во Источниот Регион.
Според Индексот на активна транспарентност за 2023 година на Центарот за граѓански комуникации, со 97, 1 %, Општина Кочани се задржа на шестото место во вкупното рангирање, во групата на најдобрите 10 институции со ‘многу добра’ активна транспарентност, кои ги исполнуваат обврските од 80 до 100 %.
Подобрувањето на транспарентноста со 1,3 % во однос на 2022 година е значајно, ако се земе предвид податокот дека оваа година токму во најдобрата група, со ‘многу добра’ активна транспарентност, се дури половина од институциите.
Оценувањето на активната транспарентност се врши врз основа на податоците што институциите ги имаат објавено на своите веб-страници, врз основа на законските обврски што ги имаат за објавување информации од сфери кои се од важност за граѓаните и кои влијаат врз нивните животи и работењето. Во оваа смисла, се земаат предвид обврските што произлегуваат од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и обврските од други закони што се однесуваат на трошењето јавни пари.