Градот Кочани и Мото – клубот „Желки“ денеска беа домаќини на 32-то Меѓународно мото-рели „Македонија независност 2023“ што во организација на Мотоциклистичката федерација на Македонија се одржува традиционално секоја година.
Традиционалното мото-рели оваа година започнува од денес, 8ми септември, а ќе трае до недела 10ти септември. Повеќе од 400 мотоциклисти од државта и странство годинава со своите мотори ќе ја заобиколат целата држава по претходно определена маршута. Првата попатна пауза беше во Кочани, кадешто профеилираа низ кочанските улици и направија пауза во Градскиот трговски центар.
Организацијата на настанот во Кочани и припадна на членовите на мото-клубот „Желки“, на чело со претседателот на клубот Момчило Хаџи Паунов.
– За разлика од претходните три години, сакам да нагласам дека оваа година направивме нешто поразлично, односно ја организиравме оваа манифестација во Градскиот трговски центар. Ја искористивме можноста што денес е неработен ден и нема голема фреквенција на возила, благодарение на сите заложби од Општина Кочани на чело со градоначалникот и СВР Штип и ПС Кочани, коишто ни помогнаа сето ова да го организираме како што треба, истакна Момчило Хаџи Паунов, претседател на мото-клубот „Желки“ – Кочани.
Мото-релито започна од Скопје и поминува низ Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Струмица со попатни паузи, преспивање и клубско дружење во Дојран. За утре, планирано е да се вози во Кавадарци, Неготино, Крушево со планирано ноќевање во Охрид, а треттиот ден и во западниот дел на државата со крајна цел во Скопје.
Мото-релито „Македонија независност“ е единствен спортски настан кој се одржува во континуитет точно 32 години. Низ годините се реализира низ различни форми во зависност од околностите. Неговата примарна цел е промоција на моторциклизмот како спорт.
А. Арсов