48-часовен прекин на блокадите за пропуштање само на комуналните возила на КЈП „Водовод“ е решението кое доцна попладнево го постигнаа граѓаните и Општина Кочани, на состанок на Белската крстосница каде деновиве се протестира.
Во следните 48 часа, комуналните возила на „Водовод“ ќе го изнесуваат сметот на Градската депонија со цел градот да се расчисти од натрупаниот отпад. Притоа, граѓание побараа од градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов на средбата која е закажана за в понелденик во Владата на Македонија да се побара отповикување на одлуката да се депонира отпад и од другите општини, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево. Во спротивно истакнаа дека протестите ќе ги радикализираат и ќе побараат референдумско поништување на одлуката.
Претходно, во салата за состаноци на Општина Кочани се одржа со итен состанок на Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување и на Локалниот совет за превенција.
По дискусијата беа донесени следните заклучоци: комуналниот отпад од соседните општини да престане да се донесува на Градската депонија во Кочани; КЈП„Водовод“ – Кочани веднаш да пристапи кон собирање и транспортирање на комуналниот отпад од градот и населените места до Градската депонија; инспекциските служби во Општина Кочани веднаш да се вклучат во контрола на терен за следење на заклучоците од Локалниот совет за превенција и Кризниот штаб на Општина Кочани; ЈЗУ Центар за јавно здравје – Кочани, Центарот за управување со кризи – Кочани и Дирекцијата за заштита и спасување – Кочани да се вклучат во мониториг на теренот и навремено, во рамки на нивните надлежности, да преземат превентивни и други мерки за заштита на граѓаните на општина Кочани. Во краен случај надлежните институции во рамки на своите надлежности итно да преземат мерки за обезбедување на патниот правец Кочани – Пониква од блокадата од група на граѓани со цел да се обезбедат услови за непречено вршење на дејноста на КЈП „Водовод“ – Кочани и да се заштити здравјето и безбедноста на граѓаните на Општина Кочани.
Протестот кај Белската кривина продолжува и во текот на 48 часовниот прекин на блокадите за комуналните возила.
И. Матеничарски