Потпишан договорот за „Подвижност“ – нов меѓуопштински проект за социјални услуги во Кочани

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска во Скопје го потпишаа Договорот за грант за развојот на социјалните услуги на локално ниво.

Новиот меѓуопштински проект за социјални услуги „Подвижност“, кој ги опфаќа и општините Зрновци и Чешиново-Облешево ќе се реализира со Општинската организација на Црвениот крст.

Целта на проектот е да се унапредат социјалните услуги, за што ќе бидат ангажирани 16 обучени лица кои ќе испорачуваат услуги на 40 стари и изнемоштени лица. Проектот е одобрен од страна на Министерството за труд и социјална политика, а ќе се реализира со вкупен буџет од 9,5 милиони денари, средства обезбедени од Светска банка.


– Многу е важно што Министерството ја препозна потребата од грижа за повозрасните, а со овој проект ние имаме можност да ја даваме услугата во домовите на корисниците. Досега вакви услуги испорачувавме преку проектот „Мобилен сервис за домашна посета“, а сега ќе ја прошириме и подобриме оваа услуга којашто е повеќе од потребна – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.


Проектот е конципиран во две временски етапи. Во првиот дел, периодот до воспоставување на услугата, ќе се формира канцеларија за социјални услуги, од каде ќе се координира работата на сервисниот центар.

Подготвителниот период ќе се искористи за обуки на давателите на услугите. Со проектот „Подвижност“ ќе се обезбеди и возило за реализација на услугите.
Вклучувањето на корисниците ќе оди со посредство на Центарот за социјални работи во Кочани.

Стручните служби ќе ја утврдат потребата и времетраењето за користење на услугата, со претходно мапирање на терен и анализа на потребите на целната група.
1.836.000 денари од вкупниот буџет се наменети за реализација на активности во подготвителниот период, а за периодот на испорака на услугите максималната граница е определена на 7.680.000 денари. Општина Кочани ќе учествува во проектот со свои средства во износ од 388.900 денари.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial